Банкарите во земјава велат дека каматните стапки во овој период се историски најниски, како и дека кредити за добрите проекти има и ќе има, иако кредитирањето кај населението е повисоко отколку кај бизнис-секторот. Но, во првите месеци од следната година, намалувањето на каматите нема да продолжи со оваа динамика што се случуваше годинава. Ние, банкарите, постојано повторуваме, битно е да има проект, фирмата да има добри биланси и битно е банката да има добро обезбедување, изјави вчера Ѓорги Јанчевски, претседател на Управниот одбор на НЛБ Тутунска банка. Почетните бизниси на „Финекспо“ се пожалија дека тешко добиваат банкарски кредити. Првиот човек на НЛБ Тутунска вели дека и овие компании во НЛБ Тутунска може да дојдат до кредит.
Банкарите во земјава велат дека каматните стапки во овој период се историски најниски, како и дека кредити за добрите проекти има и ќе има, иако кредитирањето кај населението е повисоко отколку кај бизнис-секторот. Но, во првите месеци од следната година, намалувањето на каматите нема да продолжи со оваа динамика што се случуваше годинава.
„Ние, банкарите, постојано повторуваме, битно е да има проект, фирмата да има добри биланси и битно е банката да има добро обезбедување“, изјави вчера Ѓорги Јанчевски, претседател на Управниот одбор на НЛБ Тутунска банка. Почетните бизниси на „Финекспо“ се пожалија дека тешко добиваат банкарски кредити. Првиот човек на НЛБ Тутунска вели дека и овие компании во НЛБ Тутунска може да дојдат до кредит. „Кај сите банки верувам дека стои како продукт давање кредити на старт-ап бизнисите, но секоја банка има свои критериуми. Не би рекол дека банките не даваат кредити за нив. Тој што го почнал бизнисот дава свој стан како хипотека и свој проект“, вели Јанчевски.
Намалувањето на каматите на станбените кредити, според него, е чиста економска логика. „Трендот на опаѓање на каматните стапки е веќе трета година во Македонија. Ова намалување на каматите е историско, никогаш немало толку ниска каматна стапка, под 3 отсто. Во секој случај, тоа е добро за клиентите бидејќи трошоците ќе бидат пониски за нив. Се надевам дека ќе ја направи поуспешна и продажбата на становите бидејќи за граѓаните овие ниски каматни стапки се атрактивни и тие веројатно ќе преземат инвестициски зафати во поглед на купувањето станови и во поглед на купувањето деловен простор“, вели Јанчевски.
Тој вели дека економските перформанси на земјава се солидни, но треба да бидеме внимателни. Инаку, НЛБ Тутунска банка се закити со наградата „Најдобра банка во Македонија за 2014“ од страна на магазинот „Банкер“, по седми пат.
Јанчевски нагласи дека за банката оваа награда има посебно значење бидејќи доаѓа како признание за сработеното во изминатата година, потврда на континуитетот на доброто работење, како и потврда за нејзината визија и долгорочна стратегија.
Давор Вукадиновиќ, директор на НЛБ Нов пензиски фонд, кој е награден за најдобар пензиски фонд во Централна и во Источна Европа за 2014, вели дека за добивањето на наградата постоеле повеќе критериуми, за управување, за приноси што друштвото ги остварува, за управување со ризици, за човечки потенцијал.